Saturday, March 6, 2010

Жените и религијата: Вечерите на женски права како повод

Првата од „Вечерите на женски права“ која се одржа синоќа започна со филмот „Погледни го животот низ моите очи“ од режисерката Марија Џиџева по што следуваше дискусија на тема „Жените и религијата/традицијата“. На оваа тема зборуваа режисерката, професорката Слободанка Марковска, претставничката од НВО секторот, Теута Ајети, како и присутните во киното „Фросина“ .





По дискусијата би сакала да го споделам и моето размислување за темата. Сметам дека вчера зборувајќи за религијата се измести малку дискусијата. Некако отиде во правец на тоа дали треба или не да се носи шамија и колку е тоа право на избор или е наметнато. Меѓутоа забораваме дека шамијата е само дел од надворешните обележја на религијата, а религијате е составен дел од традицијата. Токму религиозните правила имаат голема улога во оформувањето на животните навики кои потоа се пренесуваат од колено на колено како „традиција“. Во тој контекст прашањето на религијата и традицијата добива еден нов аспект, а тоа е што тие стануваат составен дел на културниот идентитет на една заедница. И токму тука е суштината на проблемот со кој се соочуваме: како да се смени/подобри животот на жените кога промената вклучува упатување на толку чувствително прашање како што е идентитетот.

Религиските норми во случајов се означувачи на културниот идентитeт на заедницата на која една жена и припаѓа. А знаеме која е казната за непочитување на заедницата – прогласувањето за предавничка и екскомуницирањето во најдобар случај, убиство, во најлош случај. И потоа се поставува прашањето како некоја жена да реши да ја смени својата положба кога ризикот што тоа го носи е да остане без децата, без семејството, без најблиските, без дом, без пари или пак да биде осакатена или убиена.

Жените се пренесувачи на идентитетот на заедницата од една на друга генерација, затоа е толку голем притисокот врз нив и контролата врз нив. Тие ги раѓаат и воспитуваат новите генерации и го одржуваат културниот идентитет на заедницата. Тие се под притисок да исполнат одредени норми за да ја задржат таа улога – треба да се облекуваат на одреден начин, да имаат одреден маж, да родат одреден број потомци, да јадат, пијат, работат, се движат и живеат на одреден начин. Доколку ги прекршат овие правила се соочуваат со казна.

Сакам да напоменам дека треба да се направи јасна разлика помеѓу религијата во нејзиното изворно значење (духовна потреба и утеха) и фундаментализмот.

Се чини дека во последно време фундаментализмот или поточно фундаменталистичките движења се најважните социјални движења во светот. Тоа се всушност политички движења кои имаат религиски или етнички императив кои се обидуваат да го наметнат. Според Нира Јувал Дејвис тие можат да бидат засновани на свети книги или искуства поврзани со харизматичен водач и се претставуваат како единствена валидна форма на религијата, етничката култура, вистината. Фундаментализмот може да се манифестира на различни начини, како одржување на традиционалните вредности или како враќање кон вистинските/оригиналните извори. Фактот дека овие движења се хетерогени не ја поткопува употребата на терминот „фундаментализам“ како специфичен општествен феномен.

Контролата над жените и патријархалниот модел на семејството се суштината на фундаменталистичките конструкции на општествениот ред. Еден од парадоксите поврзани со фундаментализмот е тоа дека жените наоѓаат утеха или дури и чувсто на остварување/ зајакнување во рамките на тие фундаменталистички движења. Познато е дека и покрај најнискот статус кој жените го заземаат во религиозните институции тие се најактивните нивни членки. Тие како чуварки на емотивната и моралната добробит на семејството (Нира Јувал Дејвис) се активни во доменот на религијата. Тоа исто така може да претставува начин на наоѓање место за себе во јавната сфера за одреден број жени или пак за самоостварување на неквалификуваните жени работнички.

За фундаменталистичките религиозни и политички лидери способноста, односно правото, на жените да ја контролираат својата судбина и своите сопствени тела е директна закана на нивниот авторитет и малку жени би се согласиле да преземат нешто кое би се толкувало како изневерување на светата религија и/или обичаите.

Ако религијата е друго име за фундаментализам, и ако фундаментализмот е политика, доаѓаме до заклучокот дека политката е она што ја држи обесправена жената во Македонија.

Во ваква констелација на силите да се очекува дека секоја жена сама треба да се избори за својата слобода, како што коментираа некои од присутните вчера, е преголемо очекување. Помош е потребна, но дали е добредојдена?

2 comments:

Anonymous said...

hulahopa.blog.mk
не можам да се согласам, имено, пишуваш= фундаментализмот е другото име за религијата= со тоа не можам да се согласам, изворот на зборот фундаментално, е основно, базично, всушност со тоа што почнав, нешто изворно, и да не се поврзува со религиско или религијата, имано фундаментално, значи, според мене, да во ред, основата на тоа што е културно, цивилизациски, рационало, основно, значи, книга на основните доблести, пишувања за животот и смртта, за убавото, за моралот итн. итн. така што, фундаменалист, сум, според ова јас, но не сум религиски оптоварен, напротив, сметам дека то збор е узурпиран, а неговот вистинско оригинално значење е занемарено, така како што го гледам, всушност како што напишав-
но, тоа е вулгарно веќе, така што, би ја преформулирал цела таа кататонија околузборот фундаментално, нели, самото како збор, фундамент, е нешто би напишал магично, без да се заборавам ниту да заборавам а да не го поврзам тоа фундамен со реалноста, не магично како не-реално, туку како реално, видливо, феноменолшки. што велиш ти?
:)
те поздравувам-

Kika said...

Целта со написот ми е, не да ги поистоветам религијата и фундаментализмот туку да ги поврзам. Се обидувам да објаснам дека она што се именува како религија или традиција често пати е во суштината религиски фундаментализам кој има погубно влијание врз животот на жените, а и на мажите.