Sunday, January 9, 2011

Избери живот - нова анти-абортус кампања на Владата



Тукушто ја видов најновата кампања на Владата со слоганот „Избери живот“. Рекламите (видов 2) се директно насочени против абортусот.

Текстот на крајот на рекламата е дека се објаснуваат последиците од абортусот. Ужас! Едната реклама објаснува дека последиците од абортусот се многубројни - воспаленија, инфекции, сепса, последици од анестезија, психолошки последици - се само дел.

Последнава година бевме сведоци на доволен број жени кои умреа на породување (во здравствени институции низ земјава) од, замислете, истите причини. Освен последната, разбира се. Кога ќе умреш психолошките последици ништо не ти можат.

И се прашувам од кога е обврска на Владата да нè предупредува со јавни кампањи за последиците од избраниот абортус? Колку што знам обврска е на лекарите да им ги предочат сите аспекти (позитивни и негативни) на жените кои сакаат абортус и тие тоа и го прават. Или власта не им верува па ја врши и нивната работа?

Втората реклама е уште поглупава бидејќи го зајакнува патријархалниот стереотип.

Девојката му кажува на своето незаинтересирано (освен за фудбал) момче дека ќе имаат бебе, на што тој реагира дека немаат услови. Ама пазете, таа успева да го убеди дека ете претходната вечер изглегле во град и потрошиле илјада денари, а потоа го вади клучниот „аргумент“ дека најверојатно ќе биде машко и ќе личи на него, по што тој „си легнува на брашно“. Не ми е јасно како точно оваа реклама ги објаснува последиците од абортусот? Можеби тоа ќе следи во продолжението кога мажот и жената ќе се караат пред детето дека немаат пари или кога тој ќе ја обвинува дека ја зел на „сељачка финта“ (затоа што била трудна). Е тогаш ќе се видат психолошките последици од не-абортирањето.

Значи сега, правото за кои милиони жени сè уште сe борат во светот, а коешто на македонските жени (и сите кои живеат во бившите ју-републики) им беше дадено во рамките на социјализмот се предизвикува од самата власт?

Популационата политика на Владата се сведува на тоа да се има или да се нема дете. Сите други елементи се небитни. Не е важно во какви услови ќе се раѓаат тие деца, во какви училишта и градинки ќе одат, колку родителите им се емотивно и психолошки подготвени за да воспитуваат и растат деца. Важно е да ги има, па какви се, такви се, наши се.

Пример за реновирани тоалети во едно од најпрестижните основни училишта во Скопје. Убаво нели? (Извор: списание „Метропола“, декември 2010, издавач Општина Центар)



Американците велат "if it ain't broken, don't fix it". Кај нас е расипано, ама не таму каде што се поправа со кампањава.



P.S. Во рекламите зборот абортус е напишан со голема буква.

6 comments:

Гоце Митевски said...

Првата реклама: http://www.youtube.com/watch?v=TsrGVuGAguo

Втората реклама: http://www.youtube.com/watch?v=CAF5Nlv1Z3U&feature=related

TSD said...

Власта не враќа назад со многу нешта не само со глупавите анти-абортус кампањи. Наместо да ги образуваат децата дека треба да се заштитат за време на сексот, да зборуваат отворено, и да ги подготват за реалноста (секс од задоволство/потреба), тие ги наведуваат на тоа дека сексот е само алатка за размножување. Македонците, иако заостанати во многу сфери од животот, сосема солидно го пратат трендот на сексуална самосфест. Никој веќе нема да прифати промена на здравствениот систем од тој тип. Може абортирањето целосно да се префрли на црниот пазар (иако и сега тој функционира без проблем за малолетници), и повторно се ќе биде исто, само што ќе се зголеми ризикот од инфекции и секакви компликациони чуда и врагови во пост-оперативниот за кои никој нема да превземе одговорнсот. Го чекам моментот кога ќе видам Владина кампања „Користете кондом„ со фуснота -Владата ги намали давачките за кондомите и сега секој сељак може да користи кондом. На времето на Мобимак им успеа, можеби ќе им успее и на властите, се разбира ако одобри МПЦ-ОЕ.

Kika said...

Гоце: ти благодарам за линковите, ќе ги вметнам во текстот за да биде поинформативен.

Kika said...

ТСД: вистина, кога ќе се забрани абортусот тој не исчезнува, само се префрла во илегала. Твојот коментар ме потсети на еден филм кој го гледав пред некоја година, а се вика „Вера Дрејк“. Режиран е од Мајк Ли и во 2004 доби Златен лав во Венеција.Зборува за една работничка која во 50-те години во Лондон изведува нелегални абортуси за жените кои имаат таква потреба.

Anonymous said...

Фактот што толку жени умреа на породување е доволен аргумент против дебилните рекламни кампањи. Нема потреба да ѕборуваме колку се лошо направени, евтини, а скапи, какво перење на пари и на мозоци претставуваат.
П.С. Колку јас што разбрав дечкото и девојката не се во брак, а она е трудна. Ццц, што ќе рече дедо Стефан, ако најде време, бидејќи премногу е зафатен замислувајќи „два женска мајмуна“.

Mirjana said...

http://kvadraturanakrugot.crnaovca.mk/2011/01/11/izberi-zhivot-abortiraj/