Tuesday, November 18, 2008

Родова дискриминација на работното место: МТВ

По речиси две години повторно во јавноста излегува обвинување на една вработена жена за дискриминација на работното место поради бременост.

Првиот случај беше оној на Рената Матеска, новинарка во „Македонско сонце“ која во 2006 година беше сменета од местото главен и одговорен уредник на списанието поради бременоста. Сега, Катерина Шехтанска ја обвинува Македонска телевизија дека не и се дозволува да работи поради тоа што е трудна. (Не знам зошто само морала да се слика полугола за „Вест“?!?)

Случајот на Матеска стигна и до Собранието на Република Македонија (pdf, стр.24-25) при што одговорот на пратеничкото прашање поставено од Благородна Мингова Крепиев од страна на тогашниот министер за труд и социјална политика, Стевчо Јакимовски, е формален и во суштина неодреден. Новинарката сега работи за друг медиум. Вториот случај е посебно интересен токму поради тоа што се работи за државна медиумска куќа, па ме интересира како ќе заврши.

Знам дека во бизнис секторот често се случуваат вакви нешта, но знам и дека ретко која жена се одлучува да реагира особено што дискриминацијата на работното место тешко се докажува, а работодавците знаат да користат софистицирани методи на принуда.

Дали знаете за други вакви случаи и дали некои од нив добиле судска разрешница?

(Извор на сликата: Pregnancy Tips)

Пример за владина пропаганда

Го препорачувам следниов цртан филм. Нешто многу ме потсетува на кампањите на актуелнава влада.

Monday, November 17, 2008

Македонија назадува по прашањето на родовата еднаквост

ТВ Алфа во вестите објави дека:
Според истражувањето на Светскиот економски форум Македонија паднала на листата според рамноправноста на жените...

Од извештајот (pdf) се гледа дека Македонија бележи пад уште од 2006 година кој продолжува сè до 2008. Во 2006 била на 27 место, во 2007 на 35, а оваа година на 53.

Македонија и Хрватска се посебно истакнати како земји со најголем степен на назадување во Европа за разлика од, да речеме, Полска која се искачила 11 места како резултат на напредокот во процентот на жени меѓу законодавците, високите функционери, раководителите и министрите.

Реакција на текстот „Беседа против абортусот“

Со оглед на тоа дека реакциите на Акција Здруженска објавена на нивниот веб-сајт, на Жарко Трајаноски во неговата колумна во Дневник, писмaтa на Катерина Колозова и Деспина Ангеловска исто така објавени во Дневник и реакцијата / писмо на Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници ги одразуваат моите ставови по повод ова прашање се воздржувам од дополнителен коментар и ги пренесувам линковите до овие текстови заради поголема видливост.

Новороденото бебе

Ова ме потсети на првите денови од доаѓањето на бебето дома.

Friday, May 23, 2008

Фустанот на Шеќеринска

Радмила Шеќеринска со тоа што го обвинува Никола Груевски дека се крие од женски фустан ги користи патријархалните стеротипи за слаба жена и јак (мачо) маж.

Бидејќи Груевски одбива т.е. „бега“ од дуелот, Шеќеринска со пораката ја поткопува неговата машкост и го прави во очите на јавноста слаб, немажествен односно некадарен да се справи со предизвиците во политиката.

Овој рекламен трик служи само повторно да се зајакне стереотипот дека во политиката има место само за мажите („јунаци“), а не дека е тоа место за рамноправно разменување на идеи и ставови меѓу мажите и жените.

И мажите и жените се луѓе. Луѓето се политички суштества. Следствено, и жените, како и мажите, имаат неотуѓиво право за учество во политиката, како простор каде се решаваат и нивните судбини.

Изборот на кандидат, треба да се врши врз основа на личните способности и волјата за работа, а не врз основа на модата т.е. дали некој носи фустан или панталони.

Thursday, March 27, 2008

Вистината за бременоста


Види стрип.

Tuesday, March 25, 2008

Прозорец кон НАТО

Следнава парола беше поставена на прозорецот од една зграда во центарот на Скопје.

Зграда во центарот на Скопје со реклами и една парола поставена на прозорец.
Парола: Дали НАТО и Европа ја сакаат Македонија без Македонци.

Sunday, March 23, 2008

„Развод на албански начин“ (Divorce Albanian Style)

На Солунскиот фестивал на документарен филм што се одржа од 7 до 16 март 2008 г. меѓу многуте филмови беше прикажан и „Развод на албански начин“ (Divorce Albanian Style) од бугарската режисерка Адела Пеева. Филмот зборува за судбината на илјадници семејства коишто биле присилно разделени од тоталитарниот режим на Енвер Хоџа. 1961 година тој ги раскинува односите со Советскиот сојуз и албанските мажи кои биле женети со жени од земјите од бившиот источен блок се интернирани, измачувани, а некои од нив и протерани. Во филмот се зборува за три такви двојки.



Технички филмот е под просек и потсетува на социјалистичките документарци, со лоша музика и монтажа, но она што е најинтересно е дека режисерката успеала да ги најде и луѓето коишто биле вклучени во хајката: судии, чувари во затворот и слично, кои ден денес слободно живеат во Тирана.

Полициските досијеа на граѓаните во Албанија сè уште не се отворени, но таа успеала да ги најде за овие три конкретни случаи. Ова поттикнува на размислување и за слични вакви случаи во бивша Југославија и за прашањето за лустрацијата во Македонија.

Грчки леток за името

Во саботата на 15 март 2008 тротоарот на кејот во Солун беше преплавен со овој леток, намерно темпиран на денот за шопинг-тури од Скопје. Во деновите пред 15 немаше ваква најава:


Превод:
Отпор кон распродажбата на Македонија
Солун недела 16 март 19:00 часот
Плоштад Света Софија
www.patriwtes.gr

Tuesday, February 5, 2008

Стрип за една спречена војна

Што е потребно за да се спречи војна? Ова е прашањето кое ќе ја натера студентката на американскиот универзитет Беркли, Хедер Роберсон, да тргне на пат за Македонија. Тезата на нејзината дипломска работа од студиите за мир и конфликти е дека секогаш се зборува за мирот како за последица или резултат од војна. Нејзиното патешествие е опишано во најновата книга-стрип за Македонија под истото име, објавена пред два месеца од реномираната издавачка куќа Рендом хаус.

Целта на коавторката е да покаже дека војната може да се спречи доколку навреме се реагира, истовремено враќајќи му „мило за драго“ на еден од професорите од Факултетот за политички науки на истиот универзитет кој тврди дека војните се природни и неизбежни. Таа ја посетува Македонија за да докаже дека спречувањето војна е можно и дека нашата земја е редок пример на успешна приказна во тој контекст. Нејзиното патешествие е опишано во најновата книга за Македонија под истото име, објавена пред два месеца од реномираната издавачка куќа Рендом хаус.

Делото претставува стрип-албум напишан заедно со познатиот Харви Пекар и нацртан од Ед Пискор. Пекар е сценарист на познатиот американски стрип Американски сјај (American Splendor) кој започнал да излегува во 1976 г. и во кој е опишан неговиот секојдневен живот како службеник во локалната болница во Кливленд. “Сјајот” започнал да излегува од 1976 г., а, според него, во 2003 г. е снимен и холивудски филм со Пол Џамати во главната улога. Под водство на Пекар, на тој стрип работеле редица различни познати цртачи, како Роберт Крамб, Френк Стек и Џо Сако. Токму последниот се има прославено како автор на стриповите Палестина и Горажде во кои се пренесени воени искуства од прва рака, надоврзувајќи се на традицијата поставена од Арт Шпигелман со Маус. Пекар, веројатно, го имал Сако наум кога на една средба со Хедер (преку нејзината сестра) разбрал за нејзиното планирано патување во Македонија и £ предложил да подготват книга заедно.

ШИРОКО ДОСТАПЕН ФОРМАТ Македонија е прв целосен стрип-албум на младиот Ед Пискор со кој Пекар тековно работи на стрип за генерацијата битници. Нацртан е врз основа на фотографиите и кажувањата на Роберсон. Читателите кои се сеќаваат на стрипот од осумдесеттите Вук за почетнике, којшто беше надоврзување на серијата стрипови од познати светски автори “...за почетници” за Кафка, Фројд и др., ќе видат дека овој стрип им е многу сличен по форма. Работен е во црно-бел формат и главно се заснова на дијалози, а помалку на дејства.

Оваа книга е значајна затоа што конечно се објавува книга за Македонија на англиски јазик што ќе биде широко достапна. Форматот сам по себе ќе помогне да се допре поширок опсег публика, особено и луѓе кои не се заинтересирани да читаат класични научни анализи и историски осврти.

Сепак, со што се соочува Хедер? Откако ги исчитува сите малку книги за Македонија и собира информации од интернет, се разделува со момчето и го започнува своето патешествие. Стигнувајќи до Скопје преку Берлин, Истанбул и Солун (места во кои посетува пријатели и се среќава со роднини), таа со нејзината пријателка Делиса се сосредоточува на закажување средби со луѓе кои можат да £ помогнат и да £ дадат увид во тоа што се случило и што се случува во земјата, особено позитивната улога на т.н. меѓународна заедница при враќањето на мирот.

Својот прв разговор Роберсон го има со новинар кој случајно го среќава на улица и кој ја убедува дека Македонија неминовно ќе биде поделена. Следниот ден таа се среќава со претставник од канцеларијата на Омбудсманот со кого зборува за промените во правниот систем кои настанале по Охридскиот договор. И така, нејзините 30 дена во Македонија поминуваат во обидот таа да дознае што се случувало и да се обиде да најде поткрепа на нејзината теза за спречувањето на конфликтот во Македонија.

АВТОРИТЕ СЕ ВО ПРАВО Роберсон ја истакнува убавината на земјата и зборува за гостопримливоста на луѓето. Ја споредува со Средниот запад на САД каде што луѓето те гледаат во очи кога зборуваат, те прекинуваат во зборувањето ако не се согласуваат и речиси сите се пријателски настроени. Стрипот е полн со згоди и незгоди, од таксисти и рецепционери кои ја “дерат”, луѓе кои ја нарекуваат шпионка, до оние кои £ стануваат пријатели засекогаш. Во блогот за книгата таа уште зборува за вкусните пиперки, домати, краставици и постојаните собирања на богата трпеза, надополнети со ракија и вино.

Посебно ја нагласува Македонија како пример за спречувањето војна. “Како ќе дознаете дека некоја војна е спречена?”, прашува таа и одговара дека Македонија, која многумина на Запад ја сметаат за сестра-близначка на Босна, е токму таков пример на земја што успеала дури двапати да се поврати од влегување во војна.

Првиот пат, по осамостојувањето кога политичките водачи на земјата договориле мирно повлекување на ЈНА, по што земјата била во безбедносен вакуум чувствувајќи загрозеност од соседите. Меѓународната заедница, преку ОН, за две недели успеала да распореди превентивна мисија, што било првпат да се оствари такво нешто за толку краток рок. Во вториот случај, во 2001, Македонија била многу поблиску до вистинска војна, но брзата реакција на меѓународната заедница спречила ескалација на насилството.

И навистина, гледајќи однадвор, Македонија е пример на успешна приказна токму како што се истакнува во книгата. Кога ќе се спореди со состојбата во Косово кое осум години е протекторат на ОН, или пак Босна, јасно е дека девојката е во право.

Авторите ставаат нагласок врз правниот систем и тезата дека, кога тој не функционира, луѓето избираат други методи за да ги остварат своите права. Правниот систем не им помогнал на Албанците и на Македонците да ги разрешат меѓусебните конфликти затоа што е корумпиран, неотчетен и нејасен за обичните граѓани. Прикажан е како моноетнички и непристапен, кој ги држи поделени Македонците и Албанците и ги остава да живеат во страв едни од други. Дискриминираните Албанци се решаваат на употребата на оружје за остварување на своите права. Оваа теза звучи сосема логично и јасно. Кога еден од ликовите во стрипот (професор по право) вели дека дури и по Охридскиот договор Албанците не го почитуваат законот, Роберсон се прашува дали тие го прават тоа затоа што толку често биле изневерени во минатото така што немаат доверба во правото и правната држава.

ПРЕДЛОГ ЗА ПРОДОЛЖЕНИЕ Прашањето како во Македонија да се постигне траен мир би можело да биде разработено продолжение на стрипов. Притоа, би било добро авторите да анализираат некои прашања пропуштени во оваа книга, меѓу другите и политичкото претставување на заедниците од Македонија.

На пример, не е објаснето зошто, и покрај политичките претставници на Албанците во власта, дел од нив се одлучиле за оружје. Хедер не ги спомнува другите етнички групи во Македонија кои исто така се незадоволни од остварувањето одредени права, а сепак не применуваат насилни методи: Ромите (кои се спомнуваат во книгата како “Цигани”), Турците, Власите, Србите - па и мнозинството Македонци. Од друга страна, таа самата зборува за ниското ниво на доверба во судовите кои луѓето се трудат да не ги користат поради тоа што се неефикасни.

Во иднина, анализата може да се прошири со подетална обработка на улогата на меѓународната зедница (за која и самата вели дека е нехомогено тело на земји со различни интереси). Нивната брза реакција (спротивна на онаа во другите бивши ЈУ-републики) спречила ескалација на крвопролевањето. Притоа, не е обработена можната улога на меѓународната заедница во создавањето услови за војна во Македонија, односно прашањето на влијанието на исходот на војната за Косово врз поттикнување конфликт во Македонија.

Дали за градењето мир во светот е од полза практиката еднаш донесените одлуки на меѓународната заедница да се претвораат во самоисполнувачки пророштва, особено во однос на претставување на национализмот на прифатлив начин претворајќи го во борба за човекови права, образование и сл.

Роберсон се среќава со различни луѓе, со цел да најде поткрепа за својата теза и да види дали нештата се подобриле во однос на 2001. Меѓутоа, се добива впечаток дека треба да го прошири опсегот на извори. Во книгата се прикажани само претставници на меѓународни организации и една НВО, по некој професор на факултет и Омбудсманот. Македонците се сите од центарот на Скопје. Тие, иако најчесто претставени како пријатни и дружељубиви, секогаш се соочени со прашањето: “А дали зборувате албански?”, имплицирајќи ги нивните предрасуди.

Од друга страна, нема средби со претставници на која било политичка партија, ветерани од војната на обете страни, нема поширок географски опфат (надвор од Скопје и Тетово), нема разговор дури ни со еден македонски Албанец и Албанка. Правата на Албанците (во случајов) се сфаќаат како групни права на една хомогена заедница во чии рамки нема никакви поделби: родови, религиозни, социјални, возрасни... Секако, би било интересно во продолжение на книгава да се видат повеќе различни перцепции за и од сите заедници од Македонија.

Македонија е интересна да се прочита затоа што е приказна за војна што не ескалирала, затоа што потсетува дека мирот не е некаква фантазија, туку реалност што се гради со умни стратегии за разрешување конфликти. Таа н¢ потсетува да ги славиме мирот и слободата - нешта што стануваат важни дури откако ќе се загубат.

Овој текст е првпат објавен во Форум Плус, бр. 100 од 24.08.2007.