Thursday, November 8, 2012

Препораки за зголемување на наталитетот

Кристина Хаџи-Василева, Марија Савовска од Акција Здруженска и
Неда Коруновска од Реактор на конференцијата за медиуми.

Денес група невладини организации и поединци објави документ насловен „Демографските политики и родовата еднаквост во Република Македонија: Мерките за унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите како мерки за зголемување на наталитетот“ (НВО Инфоцентар, Алфа ТВ, Плусинфо). 

Од документот:
Мерките за унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите не само што не се во конфликт со мерките за зголемување на наталитетот на една држава, туку постојат емпириски докази кои го потврдуваат спротивното. Кај државите во Европската унија, највисоките вкупни стапки на фертилитет се забележани кај оние држави кои преку комбинација на конкретни мерки за реинтеграцијата на жените на пазарот на трудот нудат сервиси за балансирање на семејниот живот и кариерата како поголема и попристапна покриеност на јавни установи за грижа на деца и поволни услови за родителско отсуство за двајцата родители.
Спротивно на ова, државите со најниски вкупни стапки на фертилитет се оние кои забележуваат ниски стапки на учество на жените на пазарот на трудот, ниска покриеност со градинки и предолги родителски отсуства. Дополнително, квалитетни и достапни здравствени услуги за мајките и децата е од суштинско значење.
Целта на овој документ е да го информира најавениот процес на подготвување на мерки за зголемувањето на наталитетот во Република Македонија и да понуди конкретни и истражени мерки кои истовремено ќе го поттикнат поголемото учество на жените на пазарот на трудот и на долг рок ќе придонесат кон зголемување на вкупната стапка на фертилитет во државата.

[...]

Во продолжение следуваат препораки за мерките кои сметаме дека треба да бидат усвоени од страна на државата во насока на зголемување на фертилитетот во државата, а кои истовремено ќе значат и промоција на родовата еднаквост. Оттука, ова се само дел од севкупните мерки кои треба да бидат преземени (Како на пример, проценка на влијанието на миграцијата врз наталитетот), а се однесуваат на дел од причините за ниска ВСФ во државата.

Пазар на труд: 
  • Зголемување на бројот на активни мерки за вработување на жени; 
  • Зајакнување на инспекцискиот надзор за почитување на работничките права во сектори со традиционално женска работна сила (текстилна индустрија); 
  • Донесување на Национален план за невработеност на младите; 
  • Справување со проблемот на директна дискриминација на жените на пазарот на трудот (подобро имплементирање на одредбите од Законот за работни односи, казнување на работодавци кои ги принудуваат работничките да потпишуваат договори со кои се обврзуваат да не раѓаат; 
  • Редовни исплати на породилно отсуство; 
  • Приоретизирање на фирмите кои се залагаат ја родова еднаквост и спроведуваат политика за родова еднаквост при јавни набавки; 
  • Воведување на лиценца (бренд) за родова еднаквост која би се доделувала на фирми кои имаат политики за родова еднаквост и би поттикнало вработување на жени; 
Социјална заштита
  • Интензивно инвестирање во покриеноста на градинките, како и разгледување на алтернативи начини за зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование (во рамки на основните училишта, регулирано и лиценцирано чување на деца од воспитачи во домашни услови и мали групи, адаптирање на работно време); 
  • Поголема вклученост на татковците во раната грижа за деца, со овозможување на непреносливо родителско отсуство од 2 месеци; 
  • Разбивање на стереотипите околу родово поделениот труд во семејството; 
  • Спроведување на активности за намалување на малолетничките бракови и бремености. 
Здравствена заштита 
  • Реформирање на системот за надомест на плата за отсуство поради родителство со воведување на мајчинско отсуство (првите шест месеци по породувањето, кои ѝ се гарантираат на мајката и спаѓаат под здравствена заштита) и родителско отсуство (преостанатите три месеци кои треба да преминат под социјална заштита и да бидат гарантирани за двата родители) 
  • Подобрување на пристапот до контрацепција како можност за подобро планирање на бременоста; 
  • Подобрување на здравствените услуги за мајките и децата;