Monday, March 8, 2010

Тело, разлики, предрасуди

Втората вечер од фестивалот „Женски права“ го претстави филмот „Роза“ на авторката Марија Младеновска. По него следеше дискусија на тема „Тело, разлики, предрасуди“. Како резултат на филмот, кој зборува за суднината на Роза, која поради својата физичка ограниченост научила да слика со уста, дискусијата се насочи кон лицата со посебни потреби и „онеспособеноста“.

Темата за телото и разликите е широка и опфаќа многу нешта, од третирањето на женското тело во маркетиншки цели до прашањето за семејното насилство како напад врз физичкото тело.

Прашањето на телото е централно и за популационите политики. Еден од дискурсите во националистичките реторики поврзани со раѓањето нови поколенија е Еугеницистичкиот дискурс кој се бави со квалитетот на нацијата. Оваа псевдо-наука го прави тоа преку „предодредување“ на квалитетот на нацијата со селективен „расплод“. Во нацистичка Германија се спроведувал проектот за создавање чиста ариевска раса кој покрај тоа што вклучувал различни опшествени погодности и олеснувања како поттик за мешање исклучиво на „чисти“ Германци, вклучувал и присилна стерилизација на оние со помала вредност односни оние кои не можеле да го постигнат ариевскиот идеал. Вакви програми се спроведувале и се спроведуваат и во други земји и често пати се насочени токму против лицата со посебни потреби како лица кои не заслужуваат да имаат потомоство затоа што се „оштетени“.

Стерилизацијатсе применува и во случаите на потребата од ограничување на бројноста на населението. Користејќи го изговорот дека светот е пренаселен и дека брзиот и постојан пораст на населението ќе доведе до недостаток од ресурси за преживување овој, Малтусијански пристап, е насочен кон намалување на бројот на населението во светски рамки. Притоа, стерилизацијата се наметнува како средство за справување со проблемот најчесто преку програми за планирање на семејството.

Присилната стерилизација е најчесто насочена кон оние кои се непожелни за одредено општество – жени од одреденза етничка заедница (Ромки на пример), сиромашни жени, жени со посебни потреби.

Заради ова ме заинтересира еден напис објавен во саботниот „Дневник“ за првото бебе родено после долги години во Специјалниот завод во Демир Капија. Во него меѓу другото се вели дека и покрај тоа што биле применети сите средства за контрацепција сепак штитеничката останала бремена. Па се прашувам кој одредува дали и какви контрацептивни методи сакаат лицата од овој завод?

No comments: