Thursday, November 8, 2012

Препораки за зголемување на наталитетот

Кристина Хаџи-Василева, Марија Савовска од Акција Здруженска и
Неда Коруновска од Реактор на конференцијата за медиуми.

Денес група невладини организации и поединци објави документ насловен „Демографските политики и родовата еднаквост во Република Македонија: Мерките за унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите како мерки за зголемување на наталитетот“ (НВО Инфоцентар, Алфа ТВ, Плусинфо). 

Од документот:
Мерките за унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите не само што не се во конфликт со мерките за зголемување на наталитетот на една држава, туку постојат емпириски докази кои го потврдуваат спротивното. Кај државите во Европската унија, највисоките вкупни стапки на фертилитет се забележани кај оние држави кои преку комбинација на конкретни мерки за реинтеграцијата на жените на пазарот на трудот нудат сервиси за балансирање на семејниот живот и кариерата како поголема и попристапна покриеност на јавни установи за грижа на деца и поволни услови за родителско отсуство за двајцата родители.
Спротивно на ова, државите со најниски вкупни стапки на фертилитет се оние кои забележуваат ниски стапки на учество на жените на пазарот на трудот, ниска покриеност со градинки и предолги родителски отсуства. Дополнително, квалитетни и достапни здравствени услуги за мајките и децата е од суштинско значење.
Целта на овој документ е да го информира најавениот процес на подготвување на мерки за зголемувањето на наталитетот во Република Македонија и да понуди конкретни и истражени мерки кои истовремено ќе го поттикнат поголемото учество на жените на пазарот на трудот и на долг рок ќе придонесат кон зголемување на вкупната стапка на фертилитет во државата.

[...]

Во продолжение следуваат препораки за мерките кои сметаме дека треба да бидат усвоени од страна на државата во насока на зголемување на фертилитетот во државата, а кои истовремено ќе значат и промоција на родовата еднаквост. Оттука, ова се само дел од севкупните мерки кои треба да бидат преземени (Како на пример, проценка на влијанието на миграцијата врз наталитетот), а се однесуваат на дел од причините за ниска ВСФ во државата.

Пазар на труд: 
  • Зголемување на бројот на активни мерки за вработување на жени; 
  • Зајакнување на инспекцискиот надзор за почитување на работничките права во сектори со традиционално женска работна сила (текстилна индустрија); 
  • Донесување на Национален план за невработеност на младите; 
  • Справување со проблемот на директна дискриминација на жените на пазарот на трудот (подобро имплементирање на одредбите од Законот за работни односи, казнување на работодавци кои ги принудуваат работничките да потпишуваат договори со кои се обврзуваат да не раѓаат; 
  • Редовни исплати на породилно отсуство; 
  • Приоретизирање на фирмите кои се залагаат ја родова еднаквост и спроведуваат политика за родова еднаквост при јавни набавки; 
  • Воведување на лиценца (бренд) за родова еднаквост која би се доделувала на фирми кои имаат политики за родова еднаквост и би поттикнало вработување на жени; 
Социјална заштита
  • Интензивно инвестирање во покриеноста на градинките, како и разгледување на алтернативи начини за зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование (во рамки на основните училишта, регулирано и лиценцирано чување на деца од воспитачи во домашни услови и мали групи, адаптирање на работно време); 
  • Поголема вклученост на татковците во раната грижа за деца, со овозможување на непреносливо родителско отсуство од 2 месеци; 
  • Разбивање на стереотипите околу родово поделениот труд во семејството; 
  • Спроведување на активности за намалување на малолетничките бракови и бремености. 
Здравствена заштита 
  • Реформирање на системот за надомест на плата за отсуство поради родителство со воведување на мајчинско отсуство (првите шест месеци по породувањето, кои ѝ се гарантираат на мајката и спаѓаат под здравствена заштита) и родителско отсуство (преостанатите три месеци кои треба да преминат под социјална заштита и да бидат гарантирани за двата родители) 
  • Подобрување на пристапот до контрацепција како можност за подобро планирање на бременоста; 
  • Подобрување на здравствените услуги за мајките и децата;

Sunday, December 4, 2011

Жените пак криви - и за дебелеењето на децата

Еве што ме изнервира денес. Во викенд изданието на весникот Вест (бр. 3434, 3-4.12.2011.) читав напис за алармантната состојба со дебелеењето кај децата - интересна и важна тема. Во текстот е цитирана  д-р Мирјана Кочова која  меѓу другите причини за  зголемената телесна тежина кај децата  го наведува и следното:
 
„Семејството нормално дека му сака сè најдобро на дететето. Но долгите работни часови, отстуството на мајката од дома, чувањето на детето по баби, кои не можат да му направат ред, придонесува тоа да јаде храна која е богата со шеќери и масти. Ако по дома се јадат слатки, пици, нарачана храна, нормално е дека детето ќе ја јаде оваа храна и нема да има навика да јаде зеленчук и овошје“, вели проф. Кочова.

Ваквата изјава ги јакне родовите стереотипи и ги стигматизира жените (мајките кои работат и бабите кои ги чуваат внуците) бидејќи се смета дека тоа што мајката не е дома директно влијае врз видот на храната што ја јаде дететето. Никаде не се спомнува влијанието на таткото и неговото отсуство или присуство.

Фото: "The Housewife's Lament" by malloreigh (CC-BY-NC).

А што е со притисокот наметнат од општоприфатениот светоглед во повеќето македонски семесјтва дека без леб не се седнува на маса, а камоли да се јаде па макар тоа било и ориз и компир и тестенини, потоа сфаќањето дека ручек без месо не е ручек и дека ако јадеш осмина бурек, а не си дете под 3 години, не си човек  и сл. други „животни вистини“, со кои средината те напаѓа „без пардон“ и те „меси“ се додека не почнеш да се криеш дека си вегетаријанец или дека не јадеш свинско или дека не сакаш овчо сирење.
И на крај, пак ние жените, криви.

Monday, January 10, 2011

Choose life - New Anti-Abortion Campaign by Government of Macedonia

This post is also available in Macedonian
* македонски: Избери живот - нова анти-абортус кампања на Владата


I just saw the latest campaign by the Government, using the slogan "Choose life." The commercials (I saw two) are directed against abortion.

The text at the end of the commercial claims that the campaign is about explaining the consequences of abortion. Horror! The first advertisement explains that abortions bring many consequences, including inflammations, infections, sepsis, consequences of anesthesia (sic), psychological consequences and so on.



During 2010 a number of women died at childbirth (in medical institutions) in Macedonia from--imagine!--the above reasons. Except the last one, of course. When you die, the psychological consequences cannot harm you.

I wonder since when it is the obligation of the Government to warn us about consequences of choosing abortion via public campaigns? As far as I know, physicians have the duty to disclose all aspects (positive and negative) to women who require abortion, and this is common practice. Or the administration does not believe the medical doctors, and decided to their job too?

The second advertisement is even more stupid because it enhances the patriachal stereotype.



The boyfriend is interested only in football (soccer). The girlfriend tells him that they are going to have a baby, and he responds that they have no [material] conditions to raise it. But look, she manages to persuade him by reminding him that they went out the previous night and spent a thousand Denars (around EUR 16 or USD 20). She then comes out with the key "argument" - that the child will most probably be male and look like him, after which he "lays down his arms." I am still puzzled as to how exactly this advertisement explains the consequences of abortion? Possibly there will be a sequel with the husband and wife arguing in front of the child about having no money, with him accusing her of blackmailing him to marry her "shotgun wedding"-style. Chances are that such lack of abortion can produce psychological consequences.

In conclusion, it seems the current Macedonian Government challenges the right which Macedonian women (like all women from the other former Yugoslav republics) acquired during socialism, a right denied to millions of other women world over?

Government's population policy boils down to having or not having a child. All other elements are inconsequential. The conditions in which these children are born are irrelevant, the quality of their schools and kindergartens is not important, nor whether the parents are emotionally and psychologically ready to raise children. It is only important to give birth to the kids, no matter what they turn into. They'll be ours anyway.

An example of recently renovated toilets in one of the most prestigious primary schools in Skopje. Isn't it nice? (Source: magazine "Metropola" from December 2010, published by Centar Municipality)


Americans say "if it ain't broken, don't fix it". Something is obviously broken in Macedonia, but that cannot be fixed by this campaign.

Sunday, January 9, 2011

Избери живот - нова анти-абортус кампања на Владата



Тукушто ја видов најновата кампања на Владата со слоганот „Избери живот“. Рекламите (видов 2) се директно насочени против абортусот.

Текстот на крајот на рекламата е дека се објаснуваат последиците од абортусот. Ужас! Едната реклама објаснува дека последиците од абортусот се многубројни - воспаленија, инфекции, сепса, последици од анестезија, психолошки последици - се само дел.

Последнава година бевме сведоци на доволен број жени кои умреа на породување (во здравствени институции низ земјава) од, замислете, истите причини. Освен последната, разбира се. Кога ќе умреш психолошките последици ништо не ти можат.

И се прашувам од кога е обврска на Владата да нè предупредува со јавни кампањи за последиците од избраниот абортус? Колку што знам обврска е на лекарите да им ги предочат сите аспекти (позитивни и негативни) на жените кои сакаат абортус и тие тоа и го прават. Или власта не им верува па ја врши и нивната работа?

Втората реклама е уште поглупава бидејќи го зајакнува патријархалниот стереотип.

Девојката му кажува на своето незаинтересирано (освен за фудбал) момче дека ќе имаат бебе, на што тој реагира дека немаат услови. Ама пазете, таа успева да го убеди дека ете претходната вечер изглегле во град и потрошиле илјада денари, а потоа го вади клучниот „аргумент“ дека најверојатно ќе биде машко и ќе личи на него, по што тој „си легнува на брашно“. Не ми е јасно како точно оваа реклама ги објаснува последиците од абортусот? Можеби тоа ќе следи во продолжението кога мажот и жената ќе се караат пред детето дека немаат пари или кога тој ќе ја обвинува дека ја зел на „сељачка финта“ (затоа што била трудна). Е тогаш ќе се видат психолошките последици од не-абортирањето.

Значи сега, правото за кои милиони жени сè уште сe борат во светот, а коешто на македонските жени (и сите кои живеат во бившите ју-републики) им беше дадено во рамките на социјализмот се предизвикува од самата власт?

Популационата политика на Владата се сведува на тоа да се има или да се нема дете. Сите други елементи се небитни. Не е важно во какви услови ќе се раѓаат тие деца, во какви училишта и градинки ќе одат, колку родителите им се емотивно и психолошки подготвени за да воспитуваат и растат деца. Важно е да ги има, па какви се, такви се, наши се.

Пример за реновирани тоалети во едно од најпрестижните основни училишта во Скопје. Убаво нели? (Извор: списание „Метропола“, декември 2010, издавач Општина Центар)



Американците велат "if it ain't broken, don't fix it". Кај нас е расипано, ама не таму каде што се поправа со кампањава.



P.S. Во рекламите зборот абортус е напишан со голема буква.

Monday, March 8, 2010

Тело, разлики, предрасуди

Втората вечер од фестивалот „Женски права“ го претстави филмот „Роза“ на авторката Марија Младеновска. По него следеше дискусија на тема „Тело, разлики, предрасуди“. Како резултат на филмот, кој зборува за суднината на Роза, која поради својата физичка ограниченост научила да слика со уста, дискусијата се насочи кон лицата со посебни потреби и „онеспособеноста“.

Темата за телото и разликите е широка и опфаќа многу нешта, од третирањето на женското тело во маркетиншки цели до прашањето за семејното насилство како напад врз физичкото тело.

Прашањето на телото е централно и за популационите политики. Еден од дискурсите во националистичките реторики поврзани со раѓањето нови поколенија е Еугеницистичкиот дискурс кој се бави со квалитетот на нацијата. Оваа псевдо-наука го прави тоа преку „предодредување“ на квалитетот на нацијата со селективен „расплод“. Во нацистичка Германија се спроведувал проектот за создавање чиста ариевска раса кој покрај тоа што вклучувал различни опшествени погодности и олеснувања како поттик за мешање исклучиво на „чисти“ Германци, вклучувал и присилна стерилизација на оние со помала вредност односни оние кои не можеле да го постигнат ариевскиот идеал. Вакви програми се спроведувале и се спроведуваат и во други земји и често пати се насочени токму против лицата со посебни потреби како лица кои не заслужуваат да имаат потомоство затоа што се „оштетени“.

Стерилизацијатсе применува и во случаите на потребата од ограничување на бројноста на населението. Користејќи го изговорот дека светот е пренаселен и дека брзиот и постојан пораст на населението ќе доведе до недостаток од ресурси за преживување овој, Малтусијански пристап, е насочен кон намалување на бројот на населението во светски рамки. Притоа, стерилизацијата се наметнува како средство за справување со проблемот најчесто преку програми за планирање на семејството.

Присилната стерилизација е најчесто насочена кон оние кои се непожелни за одредено општество – жени од одреденза етничка заедница (Ромки на пример), сиромашни жени, жени со посебни потреби.

Заради ова ме заинтересира еден напис објавен во саботниот „Дневник“ за првото бебе родено после долги години во Специјалниот завод во Демир Капија. Во него меѓу другото се вели дека и покрај тоа што биле применети сите средства за контрацепција сепак штитеничката останала бремена. Па се прашувам кој одредува дали и какви контрацептивни методи сакаат лицата од овој завод?

Saturday, March 6, 2010

Жените и религијата: Вечерите на женски права како повод

Првата од „Вечерите на женски права“ која се одржа синоќа започна со филмот „Погледни го животот низ моите очи“ од режисерката Марија Џиџева по што следуваше дискусија на тема „Жените и религијата/традицијата“. На оваа тема зборуваа режисерката, професорката Слободанка Марковска, претставничката од НВО секторот, Теута Ајети, како и присутните во киното „Фросина“ .





По дискусијата би сакала да го споделам и моето размислување за темата. Сметам дека вчера зборувајќи за религијата се измести малку дискусијата. Некако отиде во правец на тоа дали треба или не да се носи шамија и колку е тоа право на избор или е наметнато. Меѓутоа забораваме дека шамијата е само дел од надворешните обележја на религијата, а религијате е составен дел од традицијата. Токму религиозните правила имаат голема улога во оформувањето на животните навики кои потоа се пренесуваат од колено на колено како „традиција“. Во тој контекст прашањето на религијата и традицијата добива еден нов аспект, а тоа е што тие стануваат составен дел на културниот идентитет на една заедница. И токму тука е суштината на проблемот со кој се соочуваме: како да се смени/подобри животот на жените кога промената вклучува упатување на толку чувствително прашање како што е идентитетот.

Религиските норми во случајов се означувачи на културниот идентитeт на заедницата на која една жена и припаѓа. А знаеме која е казната за непочитување на заедницата – прогласувањето за предавничка и екскомуницирањето во најдобар случај, убиство, во најлош случај. И потоа се поставува прашањето како некоја жена да реши да ја смени својата положба кога ризикот што тоа го носи е да остане без децата, без семејството, без најблиските, без дом, без пари или пак да биде осакатена или убиена.

Жените се пренесувачи на идентитетот на заедницата од една на друга генерација, затоа е толку голем притисокот врз нив и контролата врз нив. Тие ги раѓаат и воспитуваат новите генерации и го одржуваат културниот идентитет на заедницата. Тие се под притисок да исполнат одредени норми за да ја задржат таа улога – треба да се облекуваат на одреден начин, да имаат одреден маж, да родат одреден број потомци, да јадат, пијат, работат, се движат и живеат на одреден начин. Доколку ги прекршат овие правила се соочуваат со казна.

Сакам да напоменам дека треба да се направи јасна разлика помеѓу религијата во нејзиното изворно значење (духовна потреба и утеха) и фундаментализмот.

Се чини дека во последно време фундаментализмот или поточно фундаменталистичките движења се најважните социјални движења во светот. Тоа се всушност политички движења кои имаат религиски или етнички императив кои се обидуваат да го наметнат. Според Нира Јувал Дејвис тие можат да бидат засновани на свети книги или искуства поврзани со харизматичен водач и се претставуваат како единствена валидна форма на религијата, етничката култура, вистината. Фундаментализмот може да се манифестира на различни начини, како одржување на традиционалните вредности или како враќање кон вистинските/оригиналните извори. Фактот дека овие движења се хетерогени не ја поткопува употребата на терминот „фундаментализам“ како специфичен општествен феномен.

Контролата над жените и патријархалниот модел на семејството се суштината на фундаменталистичките конструкции на општествениот ред. Еден од парадоксите поврзани со фундаментализмот е тоа дека жените наоѓаат утеха или дури и чувсто на остварување/ зајакнување во рамките на тие фундаменталистички движења. Познато е дека и покрај најнискот статус кој жените го заземаат во религиозните институции тие се најактивните нивни членки. Тие како чуварки на емотивната и моралната добробит на семејството (Нира Јувал Дејвис) се активни во доменот на религијата. Тоа исто така може да претставува начин на наоѓање место за себе во јавната сфера за одреден број жени или пак за самоостварување на неквалификуваните жени работнички.

За фундаменталистичките религиозни и политички лидери способноста, односно правото, на жените да ја контролираат својата судбина и своите сопствени тела е директна закана на нивниот авторитет и малку жени би се согласиле да преземат нешто кое би се толкувало како изневерување на светата религија и/или обичаите.

Ако религијата е друго име за фундаментализам, и ако фундаментализмот е политика, доаѓаме до заклучокот дека политката е она што ја држи обесправена жената во Македонија.

Во ваква констелација на силите да се очекува дека секоја жена сама треба да се избори за својата слобода, како што коментираа некои од присутните вчера, е преголемо очекување. Помош е потребна, но дали е добредојдена?

Saturday, February 6, 2010

Прашањата кои сакав Чомовски да и ги постави на министерката за култура во вечерашните вести на А1:

Прашањата кои сакав Чомовски да и ги постави на министерката за култура во вечерашните вести на А1:
  • Велите дека процесот на осмислување на центарот на градот е отворен за нови иницијативи. Што значи тоа? Од каков тип може да бидат иницијативите и кој може да ги дава?
  • Како точно ќе тече процесот на доосмислување на новиот плоштад? До кога граѓаните ќе можат да даваат предлози за измена на плоштадот и каде?
  • Како точно е одразен мултиетничкиот карактер на државата во културните политики кои вие ги спроведувате? Колку проекти (со бројки) се финансирани за културата на етничките заедници на Албанците, Ромите, Турците, Власите итн. во 2009?
  • Како е одразен родовиот аспект во решенијата (спомениците) понудени за центарот на Скопје?
  • Го претставувате концептот за центарот на Скопје како заедничко решение/идеја на Министерството за култура, Град Скопје и Општина Центар. Зошто се дистанцирате од контроверзни прашања и ја префрлате одговорноста на општината - како на пример за тоа кој и како одлучува за изборот на спомениците во градот?
  • Во врска со Енциклопедијата издадена од МАНУ, како може таква публикација да се испечати со пари од Министерството за култура? Зарем нема Министерството процедури на контрола на квалитетот на културните производи за коишто дава пари и процедури на отчетност на „грантистите“ на кои има дава средства? Зарем не добива Министерството нацрт-верзија на книгата пред да се печати?
  • Зарем е доволно тоа што сте ја добиле деовербата на народот согласно вашата понудена предизборна програма за да не дозволите/понудите јавна дебата за проектите од програмата? Зарем не сметате дека штом веќе ја имате довербата од граѓаните дека тогаш може само да добиете подобар/збогатен концепт за центарот на градот?